Организатори:





 


ПОЛИТИЧКА БИТКА ПРОТИВ „ЧЕДОМОРКИТЕ“

Верско-политичката кампања против прекинот на бременоста најверојатно ќе заврши со нови законски решенија

пишува: СИНИША СТАНКОВИЌ

s.stankovic@globusmagazin.com.mk

фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

Хаосот кој владее во економијата и подигнувањето на тензиите пред почетокот на уште една предизборна кампања, власта покрај вработувањата на ангро, изгледа го користи за протнување на мала врата и на дел од своите идеи за кои е свесна дека немаат виза во пошироката јавност. Така, по Божиќното послание на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан кој им посочи на верниците дека абортусот е против православната вера и дека само семејства со повеќе рожби можат да ја спасат македонската нација, и по најновото во последниве петнаесеттина месеци - “украсување” на Скопје со плакати кои обвинуваат дека абортусот е убиство, а жените кои се одлучуваат на ваков чекор - чедоморки, во медиумите и низ лекарските кругови се пласираше веста дека власта се подготвува за жестока пресметка со абортусот и за ново ограничување на правата на жените, преку нов закон за прекин на бременоста за кој се уште не е извесно во колкав степен ќе го ограничува или ќе го забранува правото на абортус!

Иако се до минатата недела ниту еден претставник на власта не се изјасни децидно дали Владата навистина молчешкум подготвува закон со кој ќе се контролираат и радикално ќе се ограничат правата на жените, јавна тајна е дека и покрај формалното формирање на работна група која наводно одржала само еден состанок за проектот (чии противници пежоративно го нарекоа - “Без абортус до побројна нација”), веќе работела група пратеници од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Откако министерот Османи за “Утрински весник” изјави дека на владина седница била разгледана само компаративната анализа за состојбите со абортусот во членките на ЕУ, но и откако, покрај потенцирањето дека се уште нема ни работна верзија, ниту насоки за изготвување на пишуван материјал, сепак призна дека се планира посебен закон за абортус, чии услови за прекин на бременоста ќе биле претходно дадени на стручна и јавна расправа, сега се очекува ново разгорување на дебатата за и против абортусот, која треба да и помогне на јавноста да се одлучи дали се работи за право на избор или за убиство. Дебатата, која според дел од нејзините учесници главно во блогосферата, се повеќе наликува на разговор на глуви, може да се води и на правно и на етичко и на филозофско ниво, но како што тоа најчесто се случува во Македонија, досега главно беше сведена на обиди за полемики, кои завршуваа со размена на дисквалификации на инакумислечките.

ИНДИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Во Македонија годишно се изведуваат околу 6.000 абортуси и стапката од околу 27 абортуси на 100 живородени деца е повисока во однос на одделни европски држави. Според изјавата на раководителката на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, д-р Јованка Костовска, загрижувачки се податоците според кои во Македонија се раѓаат се помалку деца, а бројката на смртни случаи се зголемува. Таа во медиумите ги наведе податоците дека природниот прираст во Македонија од 9,8 промили на 1.000 жители во 1991 година, се намалил на два промили во 2007, за минатата година да падне на 1,5 промил! Затоа, според неа, “неслучајно е започната владината стратегија за демографски развој за да се зголеми наталитетот кој во некои општини има и негативен прираст”. Застапниците на идејата за ограничување на абортусот ги наведуваат и неофицијалните и досега непотврдени податоци за вкупно 30.000 абортуси (“годишно се губи по еден град во Македонија!”) заедно со неевидентираните, и таа фрапантна бројка ја споредуваат со онаа за околу 22.000 родени бебиња годишно! И кога тука ќе се додаде и ставот на Црквата и акцијата на Владата за финансиска помош на многудетните семејства со соц-реалистичките пензии за “херој-мајките”, се чини дека и најновата кампањата на Владата “за објаснување на последиците од абортусот“, ќе доживее успех кај партиското членство на ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде жестоко критикувана од граѓанските движења, невладините организации кои не се под чадор на Владата, како и од женските здруженија.

Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко-политички и правни истражувања во една прилика потенцираше дека забраната на абортусот никако не ја смета за алатка за поттикнување на наталитетот. „Треба да се создадат бенефиции, услови за подобар живот и за раѓање, а не да направиме Индија во Македонија, а потоа тие деца да и’ бидат препуштени на улицата”. А каков хаос владее во главите на народоусреќителите зборува и фактот дека предлагачите на нови и се понови закони, живеејќи во својот виртуелен свет од рекламите, едноставно не сфаќаат дека во држава во која економските услови диктираат добар дел од младите да живеат со родителите се до 35-тата година и да чекаат да им починат родителите за да стекнат стан, најблаго речено, е навредливо ним да им се забележува што се внимателни при планирањето на семејството и некој да им се заканува со дополнителни даноци ако не стапат во брак „на време“. Дума да нема за идиотското обвинување дека во случај на абортус, стануваат убијци од конформистички побуди!

Но, МПЦ има поинаков став. “Светата православна црква го доживува абортусот како смртен грев, кој особено ја дезинтегрира човековата природа. Договорот меѓу таткото и мајката да се убие плодот на нивната љубов е нешто што не може да се забележи ниту кај животинскиот или растителниот свет, а за жал како негативен феномен е познат само кај човековиот род. Тоа е голем грев, кој вика кон небото. Ако досега, за жал, се живееше во еден систем на вредности во кој абортусот беше сведен на ниво на вадење заб, навистина треба да се развие свеста кај луѓето”, изјави по повод појавувањето на првите антиабортус (антиженски?) плакати низ Скопје, владиката г. Климент, кој тогаш, во 2007-мата, не беше запознаен кој стои зад антиабортус кампањата, но потенцираше дека Црквата го осудува абортусот само низ проповедите на свештениците и предавањата. И власта, и тогаш и ден-денес не ја признава својата вмешаност во ваквата акција на анонимните правоверници. А некој низ Скопје ги лепи грозоморните плакати и обвинува за егоизам и конформизам...

Можеби и нема ништо спорно во кампањите на Владата за сопирање или барем забавување на на големиот пад на природниот прираст на населението во последните 18 години (со тоа што би било пожелно народот во име на чија иднина се ова се прави, конечно и да дознае колку од неговите пари се трошат за оваа и сличните кампањи, а би можело и многу да се дискутира за правната издржаност на потегот со кој се воведуваат стимулации за семејствата што ќе имаат повеќе деца, само во општините со помал прираст), а легитимно право е и на МПЦ да води своја кампања за зголемување на бројот на своите верници. Но, сите тие би морале да бидат законски и да се знае кој стои зад нив, за што всушност, се залага и од чии средства сето тоа се финансира. И секако, без оглед на вистинските или прикриените мотиви на организаторите, кампањите едноставно мора да се залагаат за унапредување на човековите права, да се во согласност со Универзалната декларација за човекови права, и во конкретниот случај, со Конвенцијата за елиминација на сите видови дискриминација врз жената.

Логично е дека ако на жената и се ограничи правото на прекин на бременоста, уште повеќе ќе се зголеми бројот на абортуси „на диво“, што е проблем кој власта во Македонија ниту знаеле ниту знае како да го реши. Затоа, и невладините организации, но пред и над се, власта, мораат да ги „откопаат“ организаторите на кампањата. И да одговорат кој се стои зад подземната кампања и дали навистина со грозоморните слики се подготвува терен за донесување на рестриктивни законски мерки? Кој кукавички се крие зад анонимните плакати и кој ги плаќа стотиците илјади евра за илјадниците плакати со кои се соблазнува јавноста и однапред се осудуваат жените кои се осмелуваат да го искористат правото на избор дадено со законот и самите да одлучуваат за своето тело и за својата иднина? Дали е во право активистот за човекови права Жарко Трајановски кога потенцира дека “преку кампањи всушност се води добро испланирана специјална војна”? Дали е вистина дека плакатите низ Скопје, во пауза меѓу два изборни циклуса ги лепат членовите на партискиот подмладок на владеачката партија, координирани од генерациски им блискиот пратеник? Јавноста би морала да дознае дали плакатите се проверување на пулсот на македонската јавност за ново национално-освестувачко “решение” што го нудат претставниците на власта која милува себеси да се претставува како демохристијанска?

“Јас не сум оттука” - реакциите на надлежните и префрлувањето на одговорноста во поглед на откривањето на организаторите на дегутантната подземна кампања, посочуваат дека зад ваквата “толерантност” на Владата нашироко позната по сопствените прескапи кампањи, повторно се крие желбата на власта цврсто да го контролира буквално секој сегмент од општественото живеење и со ригидни органичувања на правата на избор, да ги наметне своите правила на однесување и на црсто чекорење кон светлата иднина, како единствено валидни. Нереагирањето на незаконската кампања против легалниот абортус предвиден во постоечката регулатива е лицемерен и проѕирен потег. И колку и да е ваквото однесување ептен веќе видено во петдеценискиот период од минатиот век, кој токму актуелната власт го сатанизира и бега од него како ѓавол од крст, а анонимците кои се кријат за блогот abortusne.blog.com.mk со мотото “Стоп на конформизмот”(?!) - не прифаќаат јавна расправа за темата која самите ја наметнаа, интересно е вметнувањето на американската невладина организација „Центар за биоетичка реформа“, чиј извршен директор Грег Канингам, бил дел од Регановата администрација и е одликуван ветеран од Виетнамската војната војна. Иако нивниот сајт е филуван со линкови и фотографии на кои можат да се видат раскрварени плодови и крвави хируршки ножици, и иако постојат непотврдени информации дека оваа организација имала слична кампања во уште една европска земја, некако е тешко да се поверува дека Американците би фрлиле стотици илади долари за да ги убедат токму Македонците дека абортусот е убиство и дека треба да се забрани, за да им стане нацијата побројна. Ќе да е работата малку отпојќе балканска.

А каде одат работите можеби се гледа и од веста од Битола, каде Католичката црква предупредила дека падот на наталитетот е најголем проблем за христијанскиот свет во последните години, затоа што без оглед дали станува збор за православни или за католици, христијанските верници се помалку се одлучувале за многудетни семејства, дека „за првпат во историјата, од 2006 година бројот на муслимани бил поголем од бројот на католици“ и дека, како што изјавил некој почитуван професор, „ако нема деца, ќе нема христијани!“

МИТРОПОЛИТ МЕТОДИЈ

Абортусот е убиство!

„Младите треба да знаат се за сексуалноста и нејзините функции, освен фактот дека абортусот или насилното прекинување на бременоста, во било која фаза, е убиство. Поточно, сите дознаваат, само премногу доцна. За денешните девојки, абортусот е нешто како вадење шминка после луда журка, само малку понепријатно. Во неа можат сосема да ја загубат можноста да раѓаат, или, ако се одлучат за некој неинституционален “козметички салон”, можат да искрварат до смрт. За нивните момчиња, абортусот е хигиенски метод во кој се одржува чиста средина за нови сексуални искуства, нешто како купување нов кондом, само поскапо и најчесто проследено со агонии и срам. Грижата за падот на наталитетот не е техничко, туку етичко прашање, а започнува вака: до кога ќе убиваме за да ги задоволиме сопствените страсти?”

(Од текстот „Злосторство под разно“, на сајтот
www.preminportal.com.mk)

ВЛАДИНА „КООРДИНАЦИЈА“


Премиерот Груевски го додели првиот златник за четврто дете во семејството

На (сексуално) здравје!

„Унапредување на адолесцентното, сексуалното и репродуктивното здравје се дел од главните здравствени приоритети на Министерството за здравство и Владата.“ (Бујар Османи, министер за здравство, на Конференцијата за репродуктивно и сексуално здравје)

Неверојатна владина „координација“: Едно министерство промовира сексуално и репродуктивно здравје, друго воведува веронаука која промовира апстиненција пред брак, трето ги одзема кондомите на сексуалните работнички и ги носи на присилно тестирање за сексуално преносливи болести, а Владата се спрема за кампања за „објаснување на последиците од абортусот“.

На здравје, и тоа сексуално!

(Жарко Трајаноски, на
http://jasnesumjas.blogspot.com)

ИРЕНА ЦВЕТКОВИЌ, Движење за социјална правда „Ленка“

Наметната матрица на „убијци“ и „правоверни“!

Дебатите кои засилено се водат во Македонија по однос на абортусот се повеќе зазвучуваат на разговор на глуви. Ние, Движењето за социјална правда „Ленка„ се обидуваме оваа дебата да ја водиме отаде веќе етаблираната матрица на убијци и правоверни. Токму затоа нашиот став не влегува во релацијата анти-абортус наспроти про-абортус. Ние стоиме зад позицијата на избор или за правото на избор што всушност значи обид да се спречи абортусот, но не со негова забрана. Историјата покажува дека забраната за абортус во никој случај не значи и исчезнување на таа практика, туку нејзино турнување под тепих, сместување зад кулисите, појава на нелегални и нестручно извшени абортуси. Намалувањето на бројот на абортуси не се постигнува со забрана, туку со стратешки водена кампања за контрацепција, воведување сексуално образование и рана едукација.

Наместо долгорочна стратегија за намалување на бројот на несакани бремености, ние сме фрлени во еден хорор-филм во кој одбиваме да учествуваме. Анти-абортус кампањата е полна со грозоморни слики, реторика на страв и ужас, метафори, говори полни со патос и наци-ламентации, па така намерното прекинување на бремноста станува убиство, детеубиство и чедоморство, жените кои го искористиле или планираат да го искористат своето репродуктивно право - чедоморки, убијци, а причините за прекинувањето на оваа практика се бараат во падот на нацијата. Одбиваме да го богатиме јавниот дискурс со уште хорор-сцени од нелегалните абортуси, но потсетувам на нивното постоење.

Легалниот абортус во никој случај не е анархична и хаотична касапница. Тоа е веќе регулирана и контролирана практика и едно од репродуктивните права на жената кое е ограничено во временски рок. Укинувањето на абортус го сметаме за врв на тоталитаристичка контрола и повторна колонизација на женското тело. Се додека плодот не може да живее надвор од телото на жената, тоа е дел од неа, а одлуката за бременоста е одлука на жената, а не на државата.

Анти-абортус кампањата која се води уште до 2007 година во Македонија треба да се разгледа контекстуално, односно во атмосфера која е зачинета со владината кампања за многудетно семејство, официјалниот тендер на владата за уште една анти-абортус кампања и говорите на претставниците на МПЦ и на Владата за падот на наталитетот, падот на нацијата и условите за помош на семејствата со повеќе деца кои се родени во општини чија стапка на наталитет сега ќе ја пребројуваме. Сметаме дека вака водената кампања во својата основа е националистичка, нацистичка и мизогина. Жените одново ја добиваат улогата на машини за репродукција и тоа поради една многу опасна причина - зачувување на нацијата. Мислам дека е крајно време да го промениме светогледот отаде нацијата и идентитетот и жената да се ослободи од вековната икона на чуварка на нацијата и машина за репродукција. Сакаме децата да бидат сакани, но и посакувани, женските тела неколонизирани и автономни, а националистичките пароли и инстант правоверни реторики заборавени.

http://www.globusmagazin.com.mk/default-mk.asp?ItemID=901C9310DAAD154395B346C78BB7B75D&arc=1


 


Поддржувачи:







 

 

© 2009 Акција Здруженска | Design: Koma lab.

за нас   |   за кампањата   |   контакт